Ново мнозинство во Собранието: Крчкање на тивок оган

15.11.2022

Ново мнозинство во Собранието: Крчкање на тивок оган

Што се крие зад најавите за ново мнозинство во Собранието – само амортизирање на „Огнената група“ или и создавање на голем проевропски фронт за уставни измени, но и за изборни перспективи?

Дали ново мнозинство ќе го поплочува патот кон уставните измени, дали ќе стигне до неопходното двотретинско, кога, и како тоа би се одразило на распоредот на силите при евентуалното рекомпонирање на Владата? Шекулации и тактизирања има има многу, а јасни одговори малку. Пратеникот и лидер на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, кој минатата недела изјави дека „една партија со осум пратеници чека да се вклучи во Владата“, вели декаво моментов мнозинството во парламентот е стабилно.

„Парламентарното мнозинство од 64 пратеници е стабилно и во време на исклучително тешка економска, енергетска и безбедносна состојба. Ниту една партија не бара пад на Владата или веднаш предвремени избори, туку најавите за избори се за во мај 2023 година, за што може да се разговара и постигне договор и со опозицијата“, вели Трајанов.

Но, и покрај ваквата, навидум стабилна состојба, постои едно „но“, кое ја објаснува мотивацијата за засилување на мнозинството.

„Меѓутоа, состојбите во ДУИ се непредвидливи, посебно со ‘Огнената група’ и истите можат да се обидат да го нарушат мнозинството. Со цел ДУИ да го амортизира влијанието на ‘огнените’, започна процес на зголемување на парламентарното мнозинство со понуда до Алијанса за Албанците да се вклучи во Владата, со две или три министерски места, но не од тие што ги има ДУИ, туку и Алтернатива и СДСМ да отстапат места - министерски, заменик-министерски и во пониските ешалони“, објаснува Трајанов.

Според него, така поставените позиции отвораат многу прашања и дилеми, од аспект на соодветната и правична застапеност на етничките заедници, нарушување на меѓуетничкиот баланс и создавање на коалиција на непринципиелни основи, без стратегија и програма поврзана со националните и стратешките интреси на државата.

„Образложението дека такво ново и проширено мнозинство ќе биде гарант за евроинтеграциските процеси и гарација за уставните промени, е манипулативно, несериозно и неиздржно. Постои и граѓански и политички консензус за полноправно членство на Македонија во ЕУ, но за да се надминат пречките треба да се прават реформи и аргументи за тоа - што е прифатливо, а што не, посебно за причините за бугарските условувања“, вели Трајанов.

Трајанов: Парламентарното мнозинство од 64 пратеници е стабилно и во време на исклучително тешка економска, енергетска и безбедносна состојба

Бранувања и шпекулации

Според сите индиции, потенцијалното мнозинство засега се крчка зад сцената и на тивок оган. Неодамна, и претседателот на владејачката ДПА, Мендух Тачи, рече дека не се грижи дали Алијанса за Албанците ќе влезе во Владата. Според него, на ова прашање требало да одговори Али Ахмети, бидејќи тој ги внесува во Владата. Вчера и поранешниот пратеник на Алтернатива, а сега независен пратеник, Скендер Реџепи, во дебата на ТВ Клан даде изјава во иста насока.

„Очигледно е дека Алијанса за Албанците ќе биде дел од Владата. Дополнително, поделени се и местата и министерствата. Алтернатива и да остане само со едно директорско место, нема да излезе од владината коалиција. Ова го кажувам познавајќи го нејзиното раководство. Не ја напуштаат власта“, изјави Реџепи.

Случајно или не, од вчера и во Алтернатива не е веќе „мазно“. Партиски членови од огранокот во Чаир побараа партискиот претседател Африм Гаши да иницира разрешување на Беким Сали од функцијата министер за здравство, бидејќи не ги унапредил албанските кадри во здравството како што било договорено, немал ниту еден план за капитални инвестиции во клиниките и амбулантите во местата населени со Албанци, ниту сериозна иницијатива за реформи во ресорот. Тие на Гаши му дадоа рок од 10 дена да иницира разрешување на Сали, а во спротивно порачаа дека одговорноста за понатамошните чекори ќе биде на негов товар. Претседателот на огранокот на Алтернатива во Чаир, Фатон Фазлиу, испрати соопштение во кое нагласи дека во партискиот штаб досега никој не се пожалил од министерот Сали и дека тоа се само лични незадоволства.

- повеќе: Секоја партија во своите ровови - широка коалиција не е прифатлива ниту за власта ниту за опозицијата

И случајно или не, токму ресорот здравство беше еден од оние кои во изминатите денови се најде во шпекулациите како можен субјект на „прераспределба“, доколку се зголеми мнозинството.

Проевропски фронт

Во моментов наводното ново мнозинство и натаму наликува на Дедо Мраз - никој не го видел, а сите зборуваат за него. Премиерот Димитар Ковачевски, кој досега демантираше дека се водат разговори за таа цел со Алијанса за Албанците, вчера ја засили диференцијацијата по прашањето кои политички субјекти се против интеграцијата на РСМ во ЕУ. Според негова оценка „вистинската опасност за европскиот пат доаѓа од партијата Левица и нејзиниот лидер Димитар Апасиев“, кој пак, „во заложништво го зема претседателот на ВМРО-ДПМНЕ“. Премиерот смета дека Собранието има капацитет да го продолжи патот на земјата кон ЕУ и нема да биде причината за враќање на државата во изолација. Во контекст на уставните измени, тој не спомнува двотретинско мнозинство, туку очекува голем консензус за одлуките што ќе водат кон интеграција во ЕУ.

„Во Собранието има 120 пратеници, не 80, не 90, не 110. Има 120, и сите имаат одговорност пред своите деца да однесат одлука со која ќе им обезбедат иднина, која ќе значи членство во ЕУ“, порача премиерот.

Извори во албанскиот блок партии неофицијално велат дека разговори за „збивање на редовите“ се водат и во контекст на потенцијална изборна соработка, без оглед кога ќе се одржат следните избори, сѐ со цел да се обезбеди голем проевропски фронт, кој ќе обезбеди континуитет на процесот на интеграција, а не негово стопирање.

 

 

Извор

partners partners partners partners partners partners