ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ: ОКТОПОДОТ ТРЕБА ДА СЕ УДРИ СО ЧЕКАН ПО ГЛАВА, ВО СПРОТИВНО КРИМИНАЛОТ ЌЕ ЈА ИЗЕДЕ ДРЖАВАТА

30.08.2020

ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ: ОКТОПОДОТ ТРЕБА ДА СЕ УДРИ СО ЧЕКАН ПО ГЛАВА, ВО СПРОТИВНО КРИМИНАЛОТ ЌЕ ЈА ИЗЕДЕ ДРЖАВАТА

Настап на претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, на седницата на Парламентот, при избор на Владата на Република Македонија.

 

Вчера и денес расправавме за програмските приоритети на Владата во периодот 2020-2024 година. Програмата е доста опширна и во некои делови премногу детална, поради што не можат да се препознаат главните определби и цели.

Во Македонија многу сме поделени по партиска и етничка основа, по верска, но и социјална положба, затоа Владата, Претседателот на државата и Парламентот мораат да работат на внатрешната интеграција, сплотување и заштита на националните интереси.

Реформите, работата и имплементацијата на европските вредности ќе ги отворат вратите на Европската Унија и перспективите за развој на Македонија.

Во врска со приоритетите во Предлог-Програмата на мандатарот сакам да нагласам неколку работи, кои очекувам да бидат дел од програмата и истите да се имплементираат.

Прво, неопходни се уставни промени со цел да се јакне одговорноста на извршната власт, посебно на претседателот на Владата и министрите и да се зајакне самостојноста на институциите, надлежни за откривање и спречување на тешките облици на криминал. Имунолошкиот систем на државата мора да профункционира.

Системски промени заради департизација на сите институции.

Нема правда без кредибилно судство, затоа треба да се создадат уставни претпоставки за ревизија и разрешување на судии и јавни обвинители, како и нивна кривична одговорност, доколку ги кршат законите.

Во услови на парализа на Парламентот, треба да има можност Претседателот на државата да го распушти Парламентот.

Треба да се преиспита и примената на правилото на Бадентер, кое во некои сегменти се јавува како кочница за функционирање на правната држава (избор на јавен обвинител, судии и сл,.). Во уставот точно е наведено кога е потребно двојно мнозинство и треба до тоа да се држиме, а не креативно да ги толкуваме уставните одредби.

Рационализација на јавната администрација, намалување на бројот на пратениците од 120 на 90, намалување за 30% на министерствата и укинување на бројните паралелни агенции, дирекции, регулаторни тела и сл,.

Поставувањето на директори на јавни претпријатија, државни секретари и сл, да се одвива преку конкурси, а приемот на работа во администрација да се одвива врз основа на цврсти критериуми.

Предлагаме кривична одговорност за тие што ќе ја злоупотребат власта за влијание при вработување.

Казна од 3 години за злоупотреба на власта при вработување.

Второ, Македонија да биде една изборна единица, со отворени листи и без изборен праг. Се подразбира дека треба да остане пропорционалниот модел. Со овие промени, составот на Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните и ќе се демонтира “еднопартискиот систем” на владеење.

Треба да се направат промени во Изборниот законик за да сите учесници во изборниот процес имаат исти стартни основи и шанси.

Очекувам промените на изборните правила да се завршат во првите три месеци од формирањето на новата Влада.

Трето, да се започне неселективна и робусна борба против криминалот и корупцијата, да се изгради систем за детекција на скриениот имот на функционерите и носителите на организиран криминал, конфискација на криминално стекнатиот капитал и забрана на политичко дејствување од најмалку 10 години.

Со целосна имплементација на проектот на ДС “ДЕКРИ” и преку донесување на нов закон за борба против организираниот криминал можно е да се отвори “војна против криминалот”.

На високата криминализација на државата мораме да одговориме силно и неселективно. Октоподот треба да се “удри со чекан по глава”, во спротивно криминалот ќе ја “изеде” државата.

Корумпирани политичари - носители на високи партиски и државни позиции, нема да водат сметка за националните и државните интереси. Ќе бидат подложни на влијание на мафијата и криминални структури, како и на домашни и странски влијателни центри.

Ги повикувам сите лидери на партии и функционери, да не се дружат со мафијата и криминалното подземје, бидејќи таквата дружба го разорува целокупниот систем на државата. За политичарите е компромитација, но криминалците ги прави недопирливи за правдата.

Четврто, мораме да го ослободиме бизнисот од стегите на власта, сум за пазарна економија и создавање услови за отварање на нови работни места, пред се во реалниот сектор.

Да се одвојат 2% од Буџетот на државата за отварање бизнис од младите креативни и стручни кадри.

Кога сме кај бизнисот, мораме да направиме темелна анализа на банкарскиот систем кој има монополска положба. Можно ли е да имаме стабилен банкарски систем, а слаба економија и сиромашен народ. Дали и натаму ќе го ограничуваме движењето на капиталот, ќе имаме депозити на граѓаните во домашните банки без или со ниски камати, а кредити со високи камати.

Петто, да се продолжи со реформите на безбедносниот сектор, да се формира Совет за национална безбедност со кој ќе раководи Претседателот на државата, да поминат низ “сито” сите припадници на службите за безбедност и вработените во другите институции кои работат на откривање на криминалот.

Неопходно е кадровско прочистување на службите за безбедност.

Кога сме кај безбедноста, неопходни се реформи и на системот за управување со кризи, заштита и спасување. Овој систем е лошо поставен, не е функционален и не може да одговори на предизвиците и заканите кои се пред нас. Концепираните реформи за кои постои и експертска согласност се кочат од персонални и партиски мотиви.

На крај неколку работи за пандемијата како невидлив непријател. Треба стручни тимови да работат на три фронта – како да се организира здравствениот систем, како да дејствуваат службите за безбедност, и како да се прилагоди економската активност и бизнисот на новите услови.

Треба да се донесе закон со кој сите правни субјекти ќе имаат обврска да донесат правила за работа во услови на пандемија. Тоа не може да го прави само Комисијата за заразни болести. Комисијата и Владата можат да дефинираат општи рамки, да даваат насоки, да се произнесуваат по актите на компаниите и сл,.

Треба да се ослободиме од стравот и паниката. Треба да се работи и животот да се нормализира.

Средношколците и студентите инсистираат што е можно побрзо да започне наставата и тој глас на младите треба сериозно да се разбере.

Почитувани, во програмата се опфатени многу области, јас би сакал да говорам и за еколошките приоритети, за гасификација, за субвенции за купување на автомобил на електричен погон, за потребата од отварање на војна против мафијата која со опасен отпад ја загадува животната средина, за лошиот образовен систем, за потребата учениците и студентите да посетуваат настава итн, но времето е ограничено.

Денес имаме можност за широка расправа во законодавниот дом, дом кој треба да врши политичка контрола над извршната власт.

Но сакам да ја искористам можноста да посочам дека во 2009 година, Демократскиот Сојуз подготви стратегија за фазно решавање на спорот со Грција, која беше поддржана и од Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и од комесарот за проширување на Европската Унија Оли Рен, но не добив поддршка од пратениците на овој Парламент. Требаше храброст, политичка мудрост, да се прифати ризик и одговорност, за да се разреши спорот со Грција. И покрај сите контроверзии битно е да се нагласи дека решавањето на спорот со Грција ги отвори вратите за полноправно членство во НАТО и започнување на пристапните преговори со Европската Унија.

Почитувани, овој Дом е и школа за демократијата, не само за пратениците, туку и пошироко, и затоа е важно да се почитуваат правилата и да може секој да го каже својот став.

 

Благодарам.

- Павле Трајанов

  

partners partners partners partners partners partners