Се крчка ли влада на широка коалиција?

23.05.2016

Се крчка ли влада на широка коалиција?

Павле Трајанов за ПлусИнфо

Меѓународните посредници во справувањето со политичката криза настојуваат да се формира влада на широка коалиција, за која се очекува во наредните денови да се водат поинтензивни преговорите, брифират извори вклучени во процесот.

Странските претставници кои минатата недела беа во земјава собирале информации и мислења околу изнаоѓање на одржливо решение за излез од кризата, а од среда се очекува поинтензивно да почнат преговорите со партиите на оваа тема.

Во меѓувреме најголемите партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со различни толкувања за тоа што значи формирањето на техничка влада, но усогласени се дека преговори за нова влада нема.

Во СДСМ велат дека преговори за нова влада нема, а како што појаснува потпретседателот Дамјан Манчевски во изјавата што ја даде во петокот, избори ќе организира техничка влада, а засега за тоа не се преговара.

- Преговори за нова влада засега нема, ниту за нејзин формат ниту за нејзина агенда. Не треба да се заборави дека аболицијата е сè уште нерешено прашање – велат од СДСМ.

Оттаму објаснуваат и дека според последниот Договорот од Пржино, техничка влада што организира избори се формира шест месеци пред избори, а не како што вели Иво Котевски од ВМРО-ДПМНЕ, 100 дена пред избори, тогаш кога треба да се повлече премиерот.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека стојат на Договорот од Пржино, 100 дена пред избори да се формира влада што ќе ги организира изборите.

- За некоја друга влада или некој друг формат со нас не се преговара, можеби тоа со некоја друга партија го преговара – вели Котевски.

Лидерот на ДС, Павле Трајанов вели дека постои тенденција да се направи влада што ќе има поддршка од сите парламентарни партии, а нејзиниот составот да биде експертски и во неа да нема аболицирани лица и високи партиски фунционери.

- Странците ја нарекуваат влада на широка поддршка. Во неа може да се прифатат и предлози од граѓанскиот сектор. Во таа влада на некој начин треба да влезат сите партии, премиерот да не може да ја формира без нивна согласност. Нејзината агенда ќе биде реформска согласно препораките од извештајот на Прибе и на ЕК – вели Трајанов.

Мислам дека ќе биде по примерот на Црна Гора, вели Трајанов, а сите оние што учествувале во какви било криминални активности не ќе може да бидат дел од таа влада.

- ВМРО-ДПМНЕ сигурно нема да го води МВР, бидејќи најтешките криминали се направени преку оваа институција, но ова министерство нема да биде ни на СДСМ, ќе се бара неутрално решение. Реформи во медиумите, судството и во безбедносниот сектор ќе бидат највисоко на агендата на новата влада – вели Трајанов.

Во политичките кругови се шпекулира дека странците се залагале и за тоа Никола Груевски повеќе да не биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ, односно тој како возврат за аболицијата да биде целосно тргнат од политичката сцена. Според наши информации, веќе се подготвувал теренот, партијата да добие нов лидер, а како најдобар кандидат за ова место се спомнува името на македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Попоски.

Нашите извори исто така брифираат дека ВМРО-ДПМНЕ инсистирала на тоа од лидерската позиција да биде сменет и Зоран Заев, бидејќи и за него се воделе судски постапки.

Провладините медиуми, пак, денеска објавија дека Заев бил подготвен да се откаже од барањето за повлекување на аболицијата, за да добие место во новата влада.

Извор: ПлусИнфо

partners partners partners partners partners partners