Трајанов за МКД: Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е да се блокираат активностите и на СЈО и на министерот Спасовски

22.10.2016

Трајанов за МКД: Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е да се блокираат активностите и на СЈО и на министерот Спасовски

Она што се случуваше синоќа во МВР е дел од стратегијата на владејачките партии, посебно на ВМРО-ДПМНЕ, за да ги блокира сите можни активности на СЈО, но и на министерот за внатрешни работи, оценува лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов. Трајанов вели дека станува збор за разработена стратегија, чија цел е да се блокира, да се спинува и да се создаваат тензии.

„Генерално се работи за блокирање на активностите и на министерот за внатрешни работи и на СЈО, евентуално соработката помеѓу овие две институции комплетно да се опструира и да минува времето. Идејата е да се релативизира каква било активност што ќе се преземе, а на еден или друг начин ја загрозува владејачката партија“, оценува Трајанов за МКД.мк.

Тој не верува дека министерот за внатрешни работи може да направи нешто повеќе од она што го прави сега, бидејќи двајцата директори во МВР, на УБК и на Бирото за јавна безбедност, се директно партиски кадар. Кога ќе се додаде, како што вели Трајанов, и дополнителниот заменик министер, јасно е дека МВР е под директна контрола на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, што ја прави исклучително сложена состојбата во Министерството, за да може актуелниот министер да работи со полн капацитет.

„Двајцата директори сега се под директна контрола на партијата на власт. Имаме двојство во МВР и не само што не се надминаа разликите кои ги имаше во првиот период на министерувањето на Оливер Спасовски, туку сега е уште поизразена опструкцијата и блокадата. Во наредниот период ќе биде уште поизразенa и ќе се обидува да се спречи каква било можна соработка меѓу МВР и СЈО“, ни изјави Трајанов.

Тој останува на својот став дека министерот за внатрешни работи треба да го состави тимот и тој да раководи во предизборието со цел да се спречуваат евентуални нерегуларности, но и да се одржува стабилна состојбата во државата. Но, за тоа не доби поддршка од другите партии.

Во врска со активностите на СЈО, тој порачува дека Специјалното јавно обвинителство треба да продолжи да работи и ништо друго. Им порачува на обвинителите од СЈО да бидат упорни и да не се откажат од она за што добиле судска наредба за претрес.

„СЈО имаше доволен период да обезбеди доволно докази и претпоставувам дека ова сега веројатно е само обезбедување правен легитимитет на она што веќе е обезбедено. Веројатно имаат повеќе докази, а со ова сега треба да се заокружи целата акција, но и дека и без тоа имаат доволно докази да објават кој прислушкувал“, додава тој.

По синоќешните бркотници со полицијата и Управата за безбедност и контраразузнавање, СЈО најави дека денеска ќе дојдат во УБК за да ги одземат и останатиот дел од документите за масовното прислушување.

Синоќа во Управата немаше никој од тимот на СЈО, а опремата за прислушување, како што тврди министерот за внатрешни работи Спасовски, ја чуваше обезбедувањето на МВР, бидејќи дежурниот истражител на СЈО беше избркан.

 Извор: МКД.МК

partners partners partners partners partners partners