СКОПЈЕ, 08.04.2011 ГОДИНА



СКОПЈЕ, 08.04.2011 ГОДИНА

ВОВЕДНО ИЗЛАГАЊЕ НА ТРИБИНАТА „КАКО ДО КОМПРОМИС СО ГРЦИЈА?“

Почитувани, Пред 18 години, на денешен ден, на 8 април 1993 година, Република Македонија беше примена во ООН под референцата „Бивша Југословенската Република Македонија“ со цврсти ветувања од Претседателот на државата, Киро Глигоров, дека ова име ќе се користи 2-3 месеци. Прифаќањето на „ новото“ име од државниот врв (К.Глигоров, С.Андов и Б.Црвенковски), предизвика огромни негативни последици врз развојот и меѓународното етаблирање на Македонија. Во изминатите 18 години не се дојде до компромис со Грција, а Времената Спогодба со Грција стана инструмент за меѓусебни обвинувања и камен за сопнување. Република Македонија се соочи со вето во Букурешт за прием во НАТO.

Денешнава трибина, Демократскиот сојуз ја организира за да предизвикаме и поттикнеме расправа помеѓу интелектуалците, политичките партии, медиумите, невладиниот сектор, бизнис заедниците, се со цел да дојдеме до појдовна основа за заедничка Стратегија околу можниот компромис со Грција.

Многу е тешко, но е неопходно, политичките партии јавно, јасно и недвосмислено да се изјаснат како мислат Македонија да ја придвижат кон Евро- Атлантските структури и дали компромисот со Грција значи дефинитивно отварање на тој пат.

Во услови кога пред нас е испречен „ѕид“ имаме три можности: да удриме со глава во него, да го срушиме или да го прескокнеме.

Во оваа фаза на актуелни меѓународни политички констелации и стратешките интереси, како и поделби на сфери на влијанија, предлагам да се обидеме да го прескокнеме ѕидот.

Но, за тоа треба знаење и умешност, за тоа треба лидерство, за тоа треба да се превземе одговорност, без да се амнестираме повикувајќи се на граѓаните и народот.

Ставот на Демократскиот сојуз е јасен „Промената на името на нашата држава ќе има несогледиви последици по опстојувањето на македонската држава и македонската нација“.

Но, исправени сме пред голем предизвик, како да се дојде до решение, како да го сочуваме нашето име, нашиот идентитет, нашиот македонски јазик, а да добиеме покана за полноправно членство во НАТО и да започнат преговорите за влез во ЕУ.

Демократскиот сојуз е подготвен да преземе дел од одговорноста, поради што предложивме спорот со Грција да се решава во три фази, предлагајќи дека компромисот треба да се бара преку замената на референцата БЈРМ, без да се загрози идентитетот и јазикот. ( Прилог: Фазно решавање на спорот за името).

Демократскиот сојуз предлага сите политички партии да го искажат својот став околу спорот со Република Грција пред почетокот на изборната кампања, сe со цел во текот на изборната кампања овој спор да не се користи за маркентишки цели и за да престане поделбата на граѓаните на предавници и патриоти.

Нашата идеја e на оваа трибина, на учесниците, да им дадеме можност да ги искажат своите ставови, дилеми и предлози, како до компромис со Грција или како до ЕУ и НАТО и да ги поттикнеме интелектуалците да ја „допрат“ оваа тема без стравувања.

partners partners partners partners partners partners