Павле Трајанов - политичар и аналитичар, 04.05.2012
ДЕЛ ОД УАПСЕНИТЕ НЕ БИ СТИГНАЛЕ НИ ДО УРОШЕВАЦ, А КАМОЛИ ДО АВГАНИСТАН
Павле Трајанов е денес пратеник во Собранието, човек со неколкугодишно политичко искуство, а и искусен полицаец, кој ги поминал сите скалила на МВР, од приправник до министер.Затоа, медиумите често го бараат неговото мислење кога се работи за безбедносната состојба во Македонија. Ова е првото интервју на Трајанов по соопштувањето дека е уапсена групата, која стои зад убиството на петмината, вклучувајќи и еден од извршителите...
По злосторството од 12 април многумина аналитичари беа скептични околу брзото откривање на сторителите, поради веројатноста уште веднаш да ја напуштиле Македонија. Дали Вие верувавте дека полицијата ќе го открие нивниот идентитет и ќе уапси дел од нив за помалку од 20 дена?
Според презентираните информации во јавноста за начинот како е извршено делото и според пронајдените траги по убиството, можеше да се очекува дека сторителите ќе бидат откриени. Изјавите на министерката Гордана Јанкуловска и на премиерот Никола Груевски, односно нивната сигурност, укажуваа дека е МВР влезено во трагата на терористите. Моја проценка е дека можеби и порано требаше да се пристапи кон акција на нивно апсење, и евентуално да е координирана со службите од Косово и од Србија, но и ова што е направено досега укажува дека нашата полиција сосема квалитено ја води истрагата.
Што значи 20 уапсени? Од почетокот е утврдено дека директни извршители биле три лица. Колкави се тие групи, колку подджувачи имаат, како функционираат?
Јас не можам да зборувам за конкретната група, бидејќи немам информации за неа. Но генерално, ако говориме за верски фанатизам и фундаментализам, нивниот систем е да работат во релативно мали групи, односно ќелии, кои се во врска со некоја од екстремистичките организации од Блискиот Исток. Во принцип, тие не се поврзани меѓу себе кога дејствуваат на овие простори. Секоја ќелија функционира самостојно и се чува во најголема конспирација, а извештатите ги поднесуваат до нивната централа. Веќе неколку години Ал Каеда се обидува да постави свои инсталации во безбедносните служби од регионот. Во конкретниот случај треба да почекаме нови податоци од полицијата, пред се’ за каква формација се работи и кои им биле мотивите. Разузнавањето и контразузнавањето ќе ги систематизира сите информации, докази и факти, ќе ги провери и спореди, па дури тогаш ќе може да направиме покомплетна анализа. Она што досега ни го презентираше МВР е, главно, во функција на смирување на општите состојби во државата.
Една од тезите што ги изнесе Министерството е дека дел од уапсените не само што се следбеници на радикалниот ислам, туку и учествувале во борбите во Авганистан и во Пакистан, на страната на талибанците. Како го коментирате тоа?
Не сум премногу убеден дека тоа ќе се потврди во наредниот период. Гледајќи го профилот на луѓето кои беа приведени, би рекол дека тие не би можеле да стигнат до Урошевац, а камоли до Авганистан, па уште и да учествуваат во војната против НАТО. За тој дел, мислам дека нашите служби се должни да презентираат дополнителни информации во јавноста. Инаку, голем противник сум на тоа Македонија да биде презентирана како легло на радикални исламисти или место во кое „врие“ од муџахедини, џихадисти, вахабисти или било какви терористички групи. Таквата претстава е штетна, бидејќи создава многу лош имиџ за земјата. Секако дека и овде има од се’ по нешто, но не постои европска држава за која не може да се каже истото. Јас тврдам дека состојбите во Македонија не се ни приближно толку застрашувачки како што понекогаш, неодговорно се прикажуваат. Најсилен удар за таквите кругови ќе биде ако полицијата, покрај извршителите, ги открие и организаторите, како и идеолозите на овој грозоморен чин. Тие сакале да предизвикаат страв, несигурност, и пред се’, меѓуетничка тензија. Најдобар начин за спротивставување е да се елиминира нивниот мотив, односно да им се покаже дека со тоа што го прават нема да ги конфронтираат Македонците и Албанците, односно христијаните и муслиманите.
Сепак, тезата за исламски радикали беше барем двапати јавно потврдена од МВР. Уште веднаш се постави прашањето како е можно безбедносните служби на земјава да немаат евиденција за наши граѓани, кои заминале од овде, биле некаде каде можеби учествувале во воени дејствија, а потоа се вратиле, веројатно со важечки патни исправи? Не се работи за кружок на анархисти, кои читаат илегална литература, туку за луѓе подготвени да егзекутираат.
Прашањето е сосема на место, но мора да се имаат во вид реалните можности на нашите служби. Ние немаме капацитет да стигнеме до Авганистан, Сирија, Ирак или Иран. Затоа соработуваме со тајните служби на повеќе држави, вклучувајќи ги и најмоќните. Секако дека постои размена на информации и во Скопје се собираат податоци за македонски граѓани кои се можеби некаде каде што тие не би сакале ние да знаеме. Но, и покрај сето тоа, не е лесно да се има контрола, или како што велите евиденција, на сите нив. Стотици, па и илјадници, наши граѓани патуваат по различни и сосема легални основи, во регионот кој е апстрофиран: заради аџилак, бизнис, школување... Од друга страна, регрутацијата на нови членови во терористичките групи се прави доста студиозно, бидејќи тоа е веќе со години разработуван модел. Понекогаш се користат невладини организации, во друг случај наводно хуманитарни, во трет верски заедници и така натаму. Дијапазонот на делување им е многу широк, а кога на тоа ќе се додаде силната конспирација што ги опкружува, не е едноставно да се следат активностите на сите наши луѓе, кои биле надвор од земјата. Блиската историја покажала дека и на најмоќните држави им поминуваат некои работи незабележано. Терористички акти со многу тешки последици имаше во САД, Шпанија, Англија, Франција, дури и во Германија.
Слушавме разни сценарија за случувањата веднаш по убиството, од тоа преку кои канали можеле да избегаат убијците преку граница, до сомневањата дека се кријат во Македонија. Но, се појави и теза според која полицијата многу брзо ги има фатено, и само чека погоден момент за да го обелодени нивниот идентитет. Верувате во последново?
Ниедна варијанта не може да исклучиме се’ додека случајот не добие конечен епилог. Како што кажав претходно, слушајќи ги настапите на челните луѓе на МВР се добиваше прилично силен впечаток дека тие имаат релевантни информации за сторителите. Зависно од ситуацијата, понекогаш е потребно одредено време за тие да бидат проверени, да се направи вештачење на доказите и анализа на сите собрани податоци. На тоа се придодаваат и консултации со пријателските служби од други земји, за да се потврди резултатот од истрагата. Само со така склопен мозаик полицијата може да излезе јавно и да каже дека ги има сторителите. Инаку, не би ме чудело дека и пред апсењето е направен разговор со дел од осомничените. Индикативно е тоа што веднаш по убиството не беа преземени робусни мерки на полициска истрага, како што се блокади на одредени региони и патишта, претреси на домови, правење парафинска ракавица итн. Тоа укажува дека ограните знаеле каде да го насочат вниманието.
Имате ли информации за наводното прегрупирање на УЧК во близина на македонската граница, од косовска страна на Скопска Црна Гора? Се зборува дека државниот врв го знае тоа, но досега нема преземено ништо.
Јас располагам само со податоците што се јавно достапни и нив ги анализирам. Факт е дека на Косово има екстремни групи, кои не се согласуваат со темпото на заокружување на државноста на таа земја. Тие се залагаат за што побрзо воспоставување на контрола врз целата територија, вклучувајќи го северниот дел. Паралелно со тие дејствија има активности да се дестабилизира ситуацијата во јужна Србија и во северозападниот дел на Македонија, со што вниманието на меѓународната заедница ќе биде развлечено на три страни, и во таква состојба да се изврши притисок за донесување решение за конечниот статус на Косово. Тука се тие врски за „балканскиот контекст“, односно за опасните состојби кои ни стојат како предизвик и во Македонија. Неофицијално се зборува дека станува збор за една до две криминални групи, а можеби и паравоени формации, кои делуваат на тромеѓето со Косово и Србија. Јас тоа не можам да го потврдам, но не се сомневам дека нашите разузнавачки служби имаат доволно информации за нив.
Дали таквите групи можат да внесат сериозна дестабилизација во земјата?
Се’ додека се групи, не можат да направат дестабилизација од пошироки размери. Ние имаме безбедносен систем, составен од војска, полиција и сите други државни органи, кој е многу посилен од било какви екстремистички групации. Проблем ќе настане ако населението почне да ги поддржува. Дури тогаш може да зборуваме за можност од сериозна дестабилизација. Ако такви групи се прифаќани во семејства, слободно се движат во населби и во села, тогаш веќе може да збориме за многу сериозна безбедносна состојба. Затоа е важно, со правилно водење на политиката, делувањето на партиите и улогата на медиумите, да развиеме негативен однос на сите граѓани кон екстремистите, без разлика на етничката припадност. Ако обичниот човек ги осудува ваквите монструозни злосторства, а и секој вид милитантно однесување, и одбива да соработува со нив, тогаш просторот за делување на таквите ќелии станува многу ограничен. Еден од клучните проблеми на Македонија е пропустливоста на границата, на потегот од Куманово до Јажинце, на пример. Анализите покажуваат дека ние не ја чуваме добро границата. Се разбира, не е можно таа да биде херметички затворена, но увид во случувањата мора да постои. Истото важи и за пограничниот регион на наша страна: Танушевци, Матејче, Липково, Блаце, Љуботен, па и Арачиново. Дали нашата полиција знае што се случува таму? Припадници на службите истакнуваат во неофицилајни разговори дека имаме одредени пропусти во тој дел. Поради тоа, загриженоста на граѓаните е оправдана, а државата мора да ги заштити сите, и Албанците и Македонците, од такви криминални групи, кои не се способни да водат војна со Македонија, но можат да внесат немир кај луѓето или да унесреќат некој сосема невин.
Како го оценувате однесувањето на соседните земји, особено на оние кои се покажаа како најзаинтересирани за случајот?
Евидентна е нивната загриженост, особено кај Албанците. Ова е период кога Косово сака да се претстави како нова и модерна држава, која не го поддржува екстремизмот и се обидува да фати чекор со европските текови. Нив никако не им одговара создавање било каков вид проблематични ситуации предизвикани од Албанци. Затоа толку инсистираат да нема генерализирање со националната припадност на извршителите, и сето тоа да се сведе на индивидуален криминален акт. Кога денес ќе се погледнат настаните во последниве три недели, може да се рече дека кризата беше релативно добро менаџирана и од страна на Македонија, но и од страната на Косово и Албанија. Успеано е да се смират страстите и да нема меѓуетнички судири.
Ако е Вашата порака дека граѓаните може да бидат мирни што се однесува до поширок конфликт, дали истото важи и за секојдневната безбедност на улиците од евентуални терористички напади?
Јас сметам дека состојбата во Македонија е стабилна и оти апсолутно не треба да живееме под психоза од терористичка опасност. Случувањата, не само од последниве денови, туку и по 2001 година, ни даваат за право да констатираме дека не сме позагрозени од било која друга европска земја.
Како човек кој најголем дел од работниот век го поминал во полицијата, може ли да ни кажете колку таа се разликува од времето кога Вие влеговте во неа?
Навистина е тешко да се прават такви споредби. Во принцип, Република Македонија има со децнии добро развиен безбедносен систем, со врвни професионалци, кои се способни да извршат најсложени полициски операции. Тој систем постојано се доградува, модернизира и усовршува. Во последниве години вложени се многу средства за современа и ефикасна опрема, како и за едукација на кадрите. Најголема забелешка е политизацијата и партизацијата на безбедносните служби. Тој негативен процес почна во 2001 година, кога поранешни припадници на УЧК, без соодветни проверки масовно беа примани во полицијата, а делумно и во армијата. Тој тренд на „партиско зајакнување“ на МВР продолжи до денес. Поради лојалноста на тие луѓе кон партиите, а не кон државата, имаме понекогаш одлив на информации, предупредување на сторителите дека ќе следува одредена активност против нив, па и пропаѓање на големи полициски акции. Затоа сметам дека на безбедносните служби им е потребен филтер, да се проверат сите кадри кои се примени во послениве десетина години, вклучувајќи ја и нивната активност денес. Тоа е проблем кој ќе мора да го надминеме во наредниот период. Секој вработен во МВР мора да е свесен дека избрал тешка професија, на која мора максимално да се посвети ако сакаме резултати, односно мирен и безбеден живот за граѓаните.