17.04.2012
„ТЕРОРИСТИЧКИ ЧИН СО ПОГОЛЕМИ РИЗИЦИ ОД АТЕНТАТОТ ВРЗ ГЛИГОРОВ“
Коалициониот партнер во власта, Павле Трајанов смета дека петкратното убиство кај Смиљковци е дело на терористи, смислено со одредена цел.
-Овој масакр е класичен терористички акт, со тешки последици по мирот и стабилноста на државата, дури и потежок од обидот за атентат на претседателот Киро Глигоров, вели Трајанов. Тој ги повика граѓаните на разумно однесување и порача да не се преземаат активности со кои ќе се усложни безбедносната состојба и наруши стабилноста на државата.
На смирување на тензиите повикаа и Социјалдемократите, според кои, ова е тест за сите нас, и не треба да дозволиме да се создаде атмосфера на меѓусебни поделби, обвинувања и осуди. Бараат реакција и од претседателот на државата.
-Жалиме што претседателот Иванов, не само што не го свика Советот з абезбедност, туку и не најде за потребно да и се обрати на нацијата, со пораки за смирување, изјави потпретседателот на СДСМ, Андреј Петров.
Од двете партии ги повикаа институциите брзо да го решат случајот, со што ќе покажат дека имаат контрола над ситуацијата и ќе спречат понатамошна ескалација.