ГОВОР НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ



СЕДНИЦА НА СОБРАНИЕ, 13.09.2012

ГОВОР НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ, ВО ВРСКА СО ПРЕДЛОГ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА НА ЗАКОНОТ ЗА ПОЛИЦИЈА

Павле Трајанов: Почитуван претседателе, почитувани пратеници, заменик министер,

Неодамна започна расправата по измените на Законот за полицијата, претходно имаше расправа во комисиите, се одржа и јавна расправа во организација на Националниот совет за евроинтеграции. Со измените во овој закон, во основа има решенија кои се прифатливи кои ќе бидат во функција на поефикасна работа на Министерство за внатрешни работи, меѓудругото колку што може да се види сите евиденции што до сега се водени во Министерство за внатрешни работи, се вградени и во Законот. Меѓутоа, мислам дека треба една посериозна, подлабинска анализа на дел од решенијата што се предлагаат, бидејќи со некои од нив се навлегува во човековите права и слободи или се создаваат законски препоставки за кршење на основните човекови права и слободи. Едно од неповредливите права тоа е правото на неповредливост на стан и тука мислам дека треба да се отвори расправа, да ги разгледаме овие решенија што се предлагаат од сите аспекти, посебно од аспект на тоа дали овие решенија со кои се дозволува на полициските службеници да влегуваат во туѓ стан без одлука на суд, се во согласност со Уставот на Република Македонија.

Инаку, решенијата што се предлагаат во Законот за полиција, се и оправдани и логични, но овие се во дирекна колизија, во директна спротивност со член 26 од Уставот на Република Македонија, каде што децидно е наведено дека во туѓ стан може да се влезе само со одлука на суд и тоа во три случаи:

  • за откривање на кривични дела,
  • за спречување на кривични дела, или
  • од причини на заштита на здравјето на граѓаните.

Во измените на Законот за полиција се предлагаат седум случаи кога може полицијата самостојно без писмена наредба, без одлука на суд да се влезе во туѓ стан. И од тој аспект мислам дека треба подетално, повнимателно да ги разгледаме овие решенија. Меѓу другите решенија, полицијата може да влезе во туѓ стан, од причини за заштита на здравјето без писмена наредба. Во Уставот е сосема јасно дека такво влегување може да биде само со одлука на суд, а тука Законот предвидува сосема друго решение. Ваквите и слични решенија кои што се вградени во Законот за кривична постапка не можат да бидат основа, тие решенија да ги превземеме како право на полицијата.

Пример, претпоставка дека поради пожар е загрозен животот и здравјето на луѓето и кој треба да интервенира? Веројатно треба да влезат единиците за заштита од пожари. Друг пример, ако некој бара помош, здравствена помош, не ни треба законско решение дека полицијата треба да влезе без налог, таму сигурно треба да влезат доктори итн.

Во оваа насока ако треба да се фати сторител на кривично дело, кој делото го извршува во тој момент, неспорно дека може да интервенира полицијата, но тоа е спротивно на Уставот. Затоа, сметам дека ако останат вакви решенија се дава голема можност за злоупотреба на припадниците на полицијата да влегуваат во туѓ стан и да имаат законски основ за тоа.

Никој не спори дека, ако се бара помош, ако сопственикот на домот го отвори домот и секој може да влезе, полиција, доктори, противпожарна единица и други, но Уставот ја гарантира неговата неповредливост тогаш кога тој не сака, дека не може да влезе во неговиот стан припадник на полицијата ако за тоа нема судска одлука, судска наредба.

Така да, сметам дека Парламентот носи голема одговорност, доколку не ги разгледа овие одредби детално. Комисиите веќе ги разгледале, меѓу нив и Законодавно-правната комисија, но сметам дека треба уште едаш во оваа расправа да проговориме, поготово што ако останат вака решенијата припадникот на полицијата нема обврска никого да извести, да речеме да го извести Јавниот обвинител и тој да процени дали влегувањето во стан било оправдано или класична злоупотреба. Така да, јас сакам да посочам неколку случаи кога припадници на полицијата влегуваа во туѓи станови, наводно заради откривање на кривични дела, кога припадници во полицијата во полна борбена опрема ги вознемирува семејствата, дури ги редеа на ѕид, вклучително и деца и малолетници, со образложение дека извршуваат службени дејствија. Праксата покажува дека се можни злоупотреби, затоа инсистирам преку амандмани во втората фаза, во второто читање да ги корегираме оние решенија кои што остават простор за злоупотреба на овие законски овластувања кои што сега и ги даваме на полицијата, на полициските службеници.

Во оваа насока, бројните експерти кои што се вклучија во расправата, кои што беа за или против, недоволно ја познаваат праксата и мислам дека овие решенија се спротивни и на директивите на Европската унија околу заштитата на основните права и слободи. Повикувањето на некакви решенија во Хрватска, во Словенија, кои што можно е да се вадат од контекстот, од суштината, и на намерата на законодавците во тие држави, не може да биде аргумент дека Република Македонија ги предлага ваквите решенија, тргнувајќи од тоа дека тие решенија се прифатливи за ЕУ.

И уште на една работа сакам да се задржам, а тоа е можноста за собирање на информации од граѓани. Полицијата, овластените службени лица, можат да повикаат граѓанин на разговор доколку сметаат дека има некакви информации за откривање, спречување или докажување на кривично дело, што во основа не е спорно, но доколку може уште еднаш да го повика, треба и оваа одредба внимателно да се проучи. Бидејќи, најсилни критики и во јавноста и од меѓународната заедница имаше дека во Република Македонија се применува еден институт информативен разговор, на кој сега му даваме законска тежина, законско решение кое исто така може да биде предмет на злоупотреба. Можеби тука треба одредено дотерување на ова законско решение во насока на тоа дека граѓанинот треба да се согласи, но не сум сигурен дека кога ќе биде повикан во полициска станица, ќе има можност да одбие да разговара со припадниците на полицијата. Треба решение во насока на тоа дека има право да повика со себе адвокат, бидејќи тоа е решено во некои други закони, права на адвокат, но ако ги решаваме овде интегрално, некои работи треба целосно и овде да ги решиме,а да не се повикуваме на некои решенија во некој друг закон. Овде создаваме, креираме одредби кои што во голема мера можат да бидат предмет на злоупотреба. Така да во основа мислам дека тука некои решенија се спорни.

Во јавната расправа и во дискусиите на другите пратеници сигурно дека ќе има и други дилеми и затоа треба предлагачот, Министерство за внатрешни работи, детално да ги разгледа сите овие решенија, сите овие идеи и предлози и доколку има потреба да учествува активно во градењето на амандманите кои што ќе бидат прифатени, се со цел да не создадеме можности за злоупотреба на овластувањата, а после тоа да немаме шанса како тие работи да ги корегираме. Многу подобро е да нема одредено решение, на пример ако некој бара помош итн, да се направи престап да се влезе, отколку секое влегување во туѓ стан од страна на полицијата да биде практично легализирано.



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners