Хајндл попладнево на средба со Трајанов

20.05.2016

Хајндл попладнево на средба со Трајанов

Партиските лидери да преземат одговорност и да ги стават интересите на државата пред партиските, кратко изјави специјалниот пратеник на Германија Јоханес Хајндл по денешните средби во Тетово со лидерите на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи.

Хајндл по разговорите со Ахмети и Тачи во нивните партиски седишта, за медиумите само рече дека неговите ставови остануваат на линија на претходните соопштенија на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

За средбата на Ханјдл со Али Ахмети, со соопштение се огласи ДУИ. Ахмети, како што информира партијата, го запознал Хајндл со последните случувања во земјата и ја поздравил одлуката на Уставниот суд по иницијативата на ДУИ која овозможи враќање на Собранието и откажувањето на изборите на неодредено време, како и за создадената законска можност за повлекување на одлуката на Иванов за помилување и гаранција за продолжување на работата на Специјалниот обвинител.

– Овие чекори ја вратија стабилноста и безбедноста и се предуслов за спроведување на реформите кои ќе доведат до веродостојни избори. Ахмети истакна дека Договорот од Скопје продолжува со полн капацитет, со специјален обвинител и независна изборна комисија, при што Владата ќе ги спроведе предвидените реформи со посветеност. Ахмети исто така ја посочи потребата за враќање на агендата за решавање на прашањето за името и го покани амбасадорот Хајндл и германската Влада енергијата да се фокусираат во тој правец, бидејќи сите нерешени прашања во земјата произлегуваат од овој проблем, стои во соопштението од ДУИ.За политичката криза во Македонија Хајндл разговараше и со лидерот на ДПА Мандух Тачи. ДПА соопшти дека Тачи на средбата истакнал оти причинителите на кризата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ продолжуваат со еднострано и неодговорно однесување за прашања кои беа дел од преговорите и за кој требаше да се постигне консензус меѓу четирите најголеми политички партии, со посредство на претставници на ЕУ и САД.

– Тачи, исто така, рече дека за ДПА и Албанците, таквото однесување е неприфатливо, со што се продлабочува политичката криза, и се задушува евро-атлантската перспектива на земјата. Тачи рече уште дека единствен излез од оваа ситуација е продолжување на диалогот и спроведување на решенија кои произлегуваат од овој процес со посредување и гаранции на меѓународниот фактор, а со посебен акцент на решавањето на прашањето за името и меѓуетничките односи. Тачи го увери амбасадорот Хајндл дека ДПА ќе продолжи да биде дел од демократските процеси и евро-атлантската перспектива на земјата и силно ќе дејствува за да се промени оваа тешка ситуација во Македонија, се наведува во соопштението од ДПА.

Со средбите со лидерите на ДУИ и на ДПА, Хајндл ги заокружи разговори со потписниците на Договорот од Пржино. Попладнево тој почнува  серијал и со другите партии. Прв на списокот попладнево  е лидеот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.

За политичката криза во Македонија и можностите за нејзино надминување, спрецијалниот германски пратеник вчера во Скопје разговараше и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, како и со претседателот Ѓорге Иванов и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Извор: Локално

partners partners partners partners partners partners