Стоп за предрасудите, стигматизацијата и дискриминацијата на лицата со попреченост

03.12.2016

Стоп за предрасудите, стигматизацијата и дискриминацијата на лицата со попреченост

3-ти декември е Меѓународен ден за правата на лицата со попреченост. Неговото одбележување е резултат на Светската програма за акција усвоена со Резолуцијата 37/52 на Генералното Собрание на ОН на 3-ти декември 1982 година.

Со неа е означен почетокот на Меѓународната декада за правата на лицата со попреченост (1983-1992 година). Оттогаш, па сè до денес овој ден се одбележува во речиси сите држави во светот. Според податоците на СЗО, околу 15% од населението или повеќе од една милијарда лица во светски рамки, се соочуваат со некаков облик на попреченост, а учеството на оние кои страдаат од сериозни пречки во функционирањето се движи од 110 до 150 милиони.

Овие лица во континуитет се изложени на потешкотии и проблеми од аспект на достапноста на услугите во сферата на социјалната и на здравствената заштита, а се рефлектираат врз нивното образование, вработување и остварување на правната помош и заштита.

Повеќе истражувања покажаа дека во Република Македонија социјалната и здравствената инклузија не постои за оваа категорија на граѓани, социо-економскиот статус на семејствата на лицата со попреченост е низок, ангажманот на институциите е недоволен, а здравствената и социјалната заштита е минимална. Стапката на смртност кај овие лица е повисока, а барањата за почитување на нивните основни права и натаму продолжуваат да постојат како едвај видлив сегмент од вкупниот концепт на човековите права.

Коалицијата за промени и правда се залага за промоција и заштита на квалитетот на живот и производните можности на поединецот, неговото семејство и заедницата. Нашиот став е дека Република Македонија треба доследно да ја имплементира Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост која ја ратификуваше во 2011 година.

Ние сме за инклузивно општество, унапредување на легислативата и вградување решенија и мерки што ќе значат крај на стигматизацијата, дискриминацијата и ексклузијата на лицата со попреченост, превенција на ваквите состојби и вложување засилени напори во поглед на грижата за овие лица, помош и поддршка на нивните семејства, по пат на пружање сеопфатни и ефикасни услуги.

На национален план, не постојат точни статистички податоци за бројот на лица со попречености, ангажманот на надлежните институции е недоволен, а гледано од позитивно-правен аспект, независно од постигнатиот напредок во регулативата, многу од законските решенија не само што се недоволно конзистентни, туку тие, сè уште содржат битни ограничувања што ја доведуваат во прашање положбата и остварувањето на правата на оваа категорија на граѓани.

Потребни се натамошни заложби и системска поддршка за изедначување на нивните права.

partners partners partners partners partners partners