Трајанов за ЦИВИЛ Медиа : Наместо да разговараме за граѓанска платформа, ние се затвораме во етнички гета!

16.02.2017

Трајанов за ЦИВИЛ Медиа : Наместо да разговараме за граѓанска платформа, ние се затвораме во етнички гета!

„Откако не успеа ВМРО-ДПМНЕ да формира влада, сега, партиското раководство – Платформата на етничките Албанци ја користи за поттикнување на национализмот, ширејќи гласови дека Македонците се загрозени, дека е загрозен унитарниот карактер на државата, дека ќе се дојде до федерализација, кантонизација, двојазичност …“, вели Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, посветено на актуелната политичка криза во Македонија.

ТРАЈАНОВ: ВМРО-ДПМНЕ меѓу членовите, симпатизерите, кај сите граѓани преку медиумите шири пропаганда дека се загрозени македонските национални и стратегиски интереси и тоа создава веќе проблем. Имам впечаток дека доколку дојде до формирање влада, ќе започнат со блокада на парламентот, со протести, сѐ тоа практично ќе биде дестабилизација на државата од пошироки размери. И тоа да биде добра основа за да се прогласи, вонредна воена состојба, да се суспендираат институциите на системот, да се суспендира волјата на граѓаните на изборите…

Од друга страна се медиумите. Веќе два месеца дебатираме, разговараме за некаква платформа на Албанците. Ја изместија главната тема – креаторите на кризата, одговорноста за прислушувањето, за криминалот, за корупцијата, за тоа што Македонија е тотално дестабилизирана, за тоа што не функционира ништо во државата. Наместо да разговараме за одговорноста на креаторите на кризата, ние сега разговараме за некаква платформа за поддршка на албанските прашања. Значи, не ја спорам потребата за промени, но платформата е земена како подлога за ширење пропаганда, еден национализам што може да ги заостри и разгори меѓуетничките односи во државата. И сега, наместо да разговараме за заедничка платформа за владеење на правото, за правна држава, за ефикасно гонење на криминалот, корупцијата, за еднакви права на сите граѓани, за граѓански концепт на државата…, ние сега почнуваме да наметнуваме тема, да се затвораме во етничките гета, хомогенизација да има по етничка основа. Влегуваме во една опасна работа. Ахмети со таа платформа, свесно или несвесно нѐ врати во 19 век, разговараме за националните прашања…

ЦИВИЛ Медиа: Колкава е тука одговорноста и на партиите, потписнички на Платформата?

ТРАЈАНОВ: Ако зборуваме за одговорност, имаат одговорност и тие што ја иницираа и медиумите коишто два месеца, водат дебата за платформата, кој е „за“, кој е „против“. Мислам дека нема дебата за одговорноста, за креаторите на кризата, за криминалот, за корупцијата, за масовното прислушување… Имаше и Шарена револуција и протести, за тоа никој не разговара, ниту во медиумите, ниту во партиите, туку разговараме за загрозеноста на Албанците или на Македонците обратно – од Платформата.

ЦИВИЛ Медиа: Што е решение според Вас, нова влада којашто би се темелела и на барањата од Платформата што не беа дел од барањата на Шарената револуција или пак, нови избори?

ТРАЈАНОВ: Влада треба да се формира, и тоа влада од опозицијата, таа треба да направи подготовки за локални избори и, се разбира, за кусо време и на парламентарни избори. А, идејата на ВМРО-ДПМНЕ е тие да бидат организатори и на локалните и на парламетарните избори. Тоа би било катастрофа! Ни треба влада од опозицијата, од граѓаните коишто гласаа за промени, да се дефинираат приоритети, како – Македонија да биде една изборна единица или други прашања коишто може да се решат. Но, не можеме да имаме влада којашто ќе има мандат од четири години, којашто ќе работи на стратегиските интереси.

Извор: ЦИВИЛ Медиа

partners partners partners partners partners partners