(ВИДЕО) Трајанов за А1ОН: ДПМНЕ користеше нелегални механизми да влијае врз граѓаните, сега немаа таква можност затоа и изгубија

17.10.2017

(ВИДЕО) Трајанов за А1ОН: ДПМНЕ користеше нелегални механизми да влијае врз граѓаните, сега немаа таква можност затоа и изгубија

После 2008 година ВМРО-ДПМНЕ ги користеше сите механизми за да влијае на определбата на граѓаните. Дел се легални, но и дел се активности кои апсолутно не се прифатливи за една демократска држава, смета лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

-Силната медиумска манипулација што ја има преку провладините медиуми, клиентилизмот со субвенции, вработувања, притисокот врз администрацијата и се разбира кршењето на изборните закони со креирани гласачи, лажни лични карти, гласачи од Пустец, сето тоа овозможуваше еден контингент на гласови кои сега ВМРО-ДПМНЕ ги нема, вели Трајанов.

Според него, исто така, една од најважните причини за определбата на граѓаните на изборите е тоа што со формирање на новата Влада започнаа реформски процеси во државата и започна онфанзивна дипломатска активност за разрешување на споровите со Грција и Бугарија и цврстата определба за влез во НАТО и ЕУ.

-Промените се водечката сила што ги мотивираше граѓаните да ја поддржат провладината политика и со тоа ВМРО-ДПМНЕ прв пат објективно да ги изгуби изборите, вели Трајанов додавајќи дека со губење на централната власт, ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби можноста за притисок на државната администрација која и покрај тоа што е вработена од страна на оваа партија, за прв пат се почувствуваа слободни да не дадат поддршка на изборите за ДПМНЕ.

-Граѓаните слободно се определуваа за кого ќе гласаат, тоа беше клучно. Дали сакаат да излезат на гласање и слободно да гласаат за онаа политичка коалиција за која сметаат дека државата ќе ја движи во подобра насока, рече Трајанов.

Тој напомена дека има информации оти многу општини кои важат за вмровски не излегуваат на гласање затоа што во партијата нема реформи што за него е главна причина за намалување на гласачкото тело на опозициската партија која, како што кажа, доживеа еден класичен нокаут од кој што тешко дека за брзо време ќе се опорави.

На прашањето дали Груевски ќе се повлече од партијата после овој пораз, Трајанов изјави дека тоа е работа на членовите внатре во партијата и дека се зависи од самиот лидер дали тој со неговата оставка ќе дозволи реформите да се одвиваат непречено.

-Тие се внатрепартиски работи за кои треба да се одлучи, но доколку погледнеме на тоа дека ДПМНЕ е голема партија, тие и понатаму со ова раководство можат да го опструираат работењето на оваа влада преку големиот број пратеници кои ги имаат во Собранието. Ако се промени раководството, партијата може да ги поддржи реформите на оваа влада кои се во интерес на државата, вели Трајанов додавајќи дека негова лична проценка е дека Груевски по завршувањето на вториот круг ќе започне постапка за одржување на вонреден конгрес каде ќе се избере ново раководство на партијата.

Според проценките на Трајанов, Груевски доколку си поднесе оставка ќе се обиде преку новиот претседател на партијата и понатаму да раководи со неа, но прашање е дали ќе успее во тоа.

-Љубчо Георгиевски се определи негов наследник да биде Груевски бидејќи сметаше дека преку него и понатаму ќе раководи со партијата, но праксата не го покажа тоа. За многу кус период овие двајца се судрија и Георгиевски беше комплетно исклучен од партијата, вели Трајанов.

Лидерот на Демократскиот сојуз смета дека доколку СДСМ продолжи со добрата кампања и реформите, ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби и во вториот круг во општините за кои се надева дека ќе ги добијат како Штип, Пробиштип, Кисела Вода, Бутел, Кавадарци.

-ВМРО-ДПМНЕ не треба да очекува градоначалници бидејќи веќе е прекршена работата, граѓаните се за промени и проценуваат дека општините треба да добијат поддршка од централната власт. Граѓаните се прагматични и сметаат дека доколку локалната власт е различна од централната, соработка помеѓу нив нема да постои, вели Трајанов.

Извор: А1ОН

partners partners partners partners partners partners