Пијан морнар

  • Enter description...

03.12.2012

ПИЈАН МОРНАР

 Од Зоран Петров

Во контекст на македонско – грчките преговори за разликите околу името, насловот од овој текст би можеле и малку стилски да го промениме: „Дали можете да преговарате со пијан морнар?“ Или да бидам поконкретен - дали ние Македонците знаеме со кого си имаме работа? Дали знаеме со кои аргументи Грција настапува пред меѓународната заедница уверувајќи ја во исправноста на своите стојалишта?

 Не сум сигурен дека знаеме. Уште помалку сум уверен дека ги паметиме сите грчки изговори за опструкција на нашето европско и евроатлантско интегрирање. Затоа и толку се оптоваруваме со барање вина меѓу нас самите, со барање вина во политичко-партиските водства и со меѓусебни обвинувања.

Од грчки аспект гледано, вината е кај нас, обичните луѓе смртници, кои се декларираме како Македонци. Да, токму така – виновни сме ние, затоа што сме Македонци. Затоа што се чувствуваме како Македонци, затоа што се декларираме како Македонци, затоа што нашиот јазик, култура и традиција ги нарекуваме како македонски.   

И оттаму, слободен сум да тврдам дека ние како народ дури и да прифатиме име на нашата држава во која нема да се содржи зборот „Македонија“, но под услов да ни се гарантира македонскиот национален идентитет, Грција нема да го прифати.

 Или обратно – доколку се согласиме да го промениме нашиот македонски национален идентитет, а со тоа и сите атрибути што одат со него (на пример, да се договориме да се нарекуваме „славофони“, како што не нарекуваат јужните ни соседи), на Грција нема да и’ пречи нашето уставно име „Република Македонија“.

 Значи, како што објаснив во една од претходните колумни, „зајакот лежи“ во нашиот национален идентитет. Тоа, впрочем, нашите соседи од југ најексплицитно го покажаа на чинот на промоцијата на македонското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа, кога јавно се спротивставија на употребата на придавката „МАКЕДОНСКО претседателство“. Повторувам – на придавката „македонско“, а не на името „Македонија“ околу кое имаме разлики и за кое преговараме. А преговараме во рамките на Времената спогодба, која Грција ја прекрши на НАТО Самитот во Букурешт, поради што во октомври 2008 година Македонија покрена судски спор пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. И го доби две години подоцна во своја корист.

Ќе се обидам сосема накусо да изнесам дел од грчката аргументација против нашето интегрирање во меѓународните организации за да се видат ирационалноста и апсурдноста на нивните тврдења. Да се види и наивноста во желбата да се прикрие нивната вистинска намера – да се избришат Македонците од светската карта на народите. Тоа се обиде да го направи Адолф Хитлер со Евреите и не успеа, а сега се обидува Грција со Македонците. И тоа пред очите на современа Европа во 21 век.  

 Јас тврдам дека нема да успее.

На 18 јули 1989 година, извесен Е.А.Папагеоргиу, во атинската новинска агенција, едиција Фокус, објавува едно писание на англиски јазик со наслов „Таканареченото македонско прашање“. Внимавајте на датумот, тоа е периодот на сеуште формалното постоење на СФРЈ. Меѓутоа, нашите јужни соседи ги предвидуваат настаните (кои се повеќе од очигледни, а тоа е распадот на СФРЈ) и ги пресретнуваат. Тргнуваат во офанзива. Во писанието на извесниот Папагеоргиу, покрај „поетското“ (слободно извртеното) толкување на историските факти врзани со Македонија и Македонците (од доаѓањето на Словените до денес), се пласира една теза, која сеуште е актуелна во грчката политичка јавност. Говорејќи за настанокот на Македонија во рамките на југословенската федерација по Втората светска војна, авторот го пишува следново:

„Се направи обид да се создаде посебен јазик, кој југословенскиот устав го призна како официјален државен јазик. Всушност, „македонскиот јазик“ е локален дијалект на бугарскиот јазик, кај кој се направи обид да се исчисти од повеќето бугарски зборови и да се презентира како посебен јазик... Во 1945 година, Блаже Конески, писател и поет од Скопје, отиде во Белград за да го разгледа прашањето околу славомакедонската азбука и јазик... Следејќи го неговиот предлог, беше употребен еден локален дијалект на југословенска Македонија, кој ќе служи како основа за создавање еден нов македонски јазик...“

И ден – денес водечките грчки антимакедонски интелектуалци (како на пример, Евангелос Кофос кој заедно со Маљас пред две-три години беше во Македонија и со Андов и Фрчкоски симулираа дебата на оваа тема во Охрид), тврдат дека македонскиот јазик е една вештачка мешавина на бугарски и српски дијалекти.

На ваква ступидна теза може да се одговори со едно просто, многу просто прашање – Ако македонскиот јазик навистина е вештачка мешавина на бугарски и српски дијалекти, какви јазици се тогаш српскиот, хрватскиот, бошњачкиот и црногорскиот? Колку што знам, тие се официјално признати.

 Со текот на времето, грчките „аргументи“ еволуираа. Пардон лавираа, шантраа лево – десно како пијани морнари, барајќи цврста потпора за спроведување на својата стратегија за ништење на се што е македонско. Вклучително и на народот македонски. Најдолго траеше (и се уште трае) нивното тврдење за пречувствителноста околу хеленската национална историја, која (пази богати!) била историски континуитет од антиката до денес. За жал, „сензибилноста“ не е аргумент, бидејќи се работи за субјективно чувство (па макар и колективно). Што е уште повеќе за жал, овој квазиаргумент, изгледа најмногу проаѓа кај нивните западни сојузници.

А Република Македонија е обвинета дека им ја краде историјата. Се краде ли историја? Во еден период (1995 година) дури и бевме принудени да прифатиме дел од таквите квазиаргументи за „чувствителност“, па така, под притисок на ембаргото, моравме да го симнеме сонцето од Кутлеш од нашето знаме и да поставиме нов симбол, кој, според другар ми Дуле, личи на вентилатор. Сепак, 16-кракото сонце од Кутлеш не исчезна. По некоја спонтаност, тоа стана амблем на повеќето наши иселенички организации, а потоа прерасна во неофицијален национален симбол на сите Македонци, каде и да се. Патем, почитувани читатели, дали сте ги избројале зраците на преполовеното сонце кое ѕирка зад планините на нашиот актуелен државен грб? Јас избројав осум зраци, а осум зраци на половина сонце се шеснаесет на цело. Значи и нашите дедовци партизани, револуционери и комунисти, го подразбирале нашиот симбол онака како што прилега – сонце со 16 краци. Секоја им чест.

Во средината на 90-те години од минатиот век, најчесто злоупотребуваниот аргумент од грчка страна беше дека името „Македонија“ означува територијални претензии кон нивната северна покраина, која (види чудо!) на волшебен начин беше именувана така кон крајот на 80-те години (дома уште чувам авто-карта на Грција, во која регионот околу Лерин и Воден се нарекува „Северна Грција“). Овој грчки аргумент брзо падна во вода по обелоденувањето дека Белгија има регион што се вика Луксембург и кој граничи со суверената и независна држава Луксембург, или дека Романија има регион под името „Молдова“ кој граничи со Молдавија и слично. А тие држави немаат конфликт со соседите.

Потоа еден период ги слушавме грчките тврдења за македонски иредентизам, кои не можеа да дадат логичен одговор на прашањето – а дали доколку Македонија го смени името, Грција ќе биде заштитена од т.н. македонски иредентизам?

Сепак, еден од најсмешните аргументи изнесе поранешниот грчки премиер, Костас Караманлис, изјавувајќи дека во Грција живеат 2,5 милиони горди Македонци и дека и тој самиот се чувствува Македонец. На тоа Бранко Црвенковски, во својство на шеф на држава, на една прес-конференција му одговори дека Македонија го почитува неговото национално чувство и дека очекува од него и тој да го почитува македонското.

Последниот грчки квазиаргумент (можеби ги има уште, ама сега не ми текнуваат) е изнесен од поранешниот министер за надворешни работи, Друцас (кој исто така се чувствува Македонец, иако е роден на Кипар од мајка Австријанка) дека „Скопје не смее да го узурпира името на северната грчка покраина која се вика Македонија и која зазема најголем простор (51%) од географската територија на Македонија“. Повторно една неинтелигентна аргументација во која се става знак на равенство меѓу називот на област (регион, територија) на една суверена држава со уставното име на друга суверена држава.

Исто така, години наназад сме бомбардирани од демонстрацијата на грчката попустливост кон нас, во смисла дека тие ете се согласуваат во идното име на нашата држава (ако воопшто го испреговараме) да стои зборот „Македонија“. И ова е ступиден аргумент – зборот „Македонија“ го има и во сегашната референца наметната од ООН уште во 1993 година.

 Конечно, за да не се оптоваруваме со глупости, кои ги има како плева во грчката аргументација, да се потсетиме на клучниот факт, односно на нашиот најголем и несоборлив аргумент: Ниту една друга држава на Балканот, во Европа, ниту, пак, во светот, не се вика Македонија! Токму затоа ние и официјално сме Македонци.

 Ние и никој друг!

 Сето останато е бош - муабет со пијан морнар...

partners partners partners partners partners partners