Трајанов пред ПС на НАТО: Македонија е подготвена да ги реши сите прашања преку дијалог и меѓусебно разбирање

26.11.2014

Трајанов пред ПС на НАТО: Република Македонија е подготвена да ги реши сите прашања преку дијалог и меѓусебно разбирање

Пратеникот Павле Трајанов, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на НАТО, од 21 до 24 ноември, учествуваше во работата на 60. Годишна сесија на ПС на НАТО што се одржа во Хаг, Кралството Холандија.

Во Комисијата за политички прашања, меѓу другите точки, се разгледуваше и Предлог-извештајот за НАТО партнерство и политиката на отворени врати на Алијансата.

При расправата на оваа точка, Павле Трајанов се осврна на позициите на Република Македонија, истакнувајќи дека нашата земја имплементира бројни реформи и работи на развојот на демократски институции, почитувајќи го владеењето на правото.

Исто така, Трајанов рече дека иако Македонија ги има реализирано реформите на полето на одбраната и ги има исполнето сите услови, поради блокадата наметната од страна на нашиот јужен сосед, сè уште не е членка на НАТО.

На крајот на неговата дискусија, Трајанов рече дека Република Македонија е подготвена да ги реши сите прашања преку дијалог и меѓусебно разбирање и ги повика членките на НАТО поактивно да се вклучат и да помогнат во надминување на спорот за името.

На почетокот на Пленарната сесија на ПС на НАТО, се обратија Хју Бејли, претседател на ПС на НАТО, потоа Марк Рите, премиер на Холандија, Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО и други официјални лица.

Во текот на престојот, Трајанов се сретна со членовите на делегациите на Бугарија, Турција, Шведска, Швајцарија, Англија, Црна Гора, Србија.

Во прилог интегрално го пренесуваме говорот на Павле Трајанов пред Парламентарното собрание на НАТО: 

„Почитуван претседател,

Почитувани колеги,

Република Македонија спроведува бројни реформи и активно работи на развој на демократските институции. Истовремено сме цврсто определени да го почитуваме владеењето на правото.

Голем дел од законите се веќе усогласени со легислативите на Европската унија и работиме на нивна имплементација. 

Македонија е одлична бизнис дестинација,  компании од САД и ЕУ меѓу кои Турција и Грција веќе инвестираа капитал во земјата. 

Економскиот раст за 2014 година е 2,5%, додека за 2015 се очекува да биде 3,5%. 

Македонија учествуваше во мировните мисии во Ирак, Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан.

Македонија спроведе реформи во одбраната и ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, но, поради блокадата од нашиот јужен сосед, сè уште не сме членка на Алијансата.

Веќе шеснаесетти пат го подготвуваме Акциониот план за членство во НАТО и притоа, морам да нагласам, имаме целосен политички, етички и граѓански консензус во однос на ова членство во Алијансата.

Очекувам членките на НАТО активно да се вклучат и да помогнат во надминувањето на спорот наметнат од Грција. Стабилноста на Македонија е од клучно значење за стабилноста на целиот Балкан. 

За крај, би сакал да нагласам дека сме подготвени преку дијалог и меѓусебна почит да ги разрешиме сите прашања.

Ви благодарам за вниманието.“

partners partners partners partners partners partners