04.02.2016
ДС со нова канцеларија во Куманово

Денес, 04.02.2016 година (четврток), Општинската организација на Демократскиот сојуз – Куманово, отвори нова канцеларија, на кое присуствуваа повеќе од 100 члена и симпатизери на ДС. На отворањето присуствуваше и претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој пред членството говореше за актуелната политичка состојба во земјата. Во своето обраќање, претседателот Трајанов напомена дека на Р. Македонија и се потребни промени за да се создадат основни предуслови за владеење на правото и стабилизација на состојбите со што ќе започне забрзан економски развој.
При тоа, тој истакна дека Демократскиот сојуз е подготвен да партиципира во нов политички блок, што истовремено е и барање на над 50 отсто на граѓаните на Р. Македонија.
Во врска со бегалската криза, претседателот Трајанов истакна дека Македонија не треба да отвора бегалски кампови, бидејќи бегалците немаат намера да останат во Македонија, туку само да транзитираат до Германија и други држави.
Граѓаните на Куманово покажаа на најдобар начин како може заедно сите без разлика на етничка припадност да се спротивставиме на тероризмот и обидите за нарушување на соживотот и мирот на граѓаните.