01.03.2014
За потребите на над 600 членови ДС отвори штаб во Гевгелија

Вчера, 28.02.2014 година, Демократскиот сојуз отвори штаб во Гевгелија. На отворањето присуствуваа над 200 членови и симпатизери на ДС, како и поголем број на граѓани.
Пред присутните се обрати Павле Трајанов, претседател на ДС, кој меѓу другото нагласи: „Демократскиот сојуз е подготвен за предвремените парламентарни избори, а огромниот интерес за вклучување во партијата е сигнал дека на претстојните избори ќе имаме поддршка од граѓаните.“
Демократскиот сојуз ја подготвува Изборната програма во која главни приоритети се: динамичен економски развој, неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата, реформа на судскиот систем и слободни медиуми.
Демократскиот сојуз на претстојните претседателски избори ќе поддржи кандидат за претседател кој во својата платформа ќе се обврзе да работи на реализирање на врвните национални и граѓански интереси, но пред се „деблокирање на евро-атланските процеси. “

Демократскиот сојуз ќе инсистира на конкретен договор со партијата која ќе го номинира кандидатот и самиот кандидатот за претседател, како гаранција дека идниот претседател ќе биде гарант за демократијата, владеење на правото , меѓуетничка хармонија и стабилност на државата.
На собирот се обрати и Драги Делев, претседател на ОО на ДС- Гевгелија, кој ги поздрави присутните и ги повика членовите на ДС (над 600), активно да се вклучат во промоција на програмата на ДС.
