Интервју на Трајанов за Академик: Потребно е реформирање на институтот заштитен сведок
13.11.2103

Интервју на Трајанов за Академик: Потребно е реформирање на институтот заштитен сведок

Господине Трајанов, кои се клучните поенти на Вашиот предлог закон и  како ја оценувате правната положба на заштитените сведоци во актуелното законодавство?

Мислам дека околу прашањето за  институтот заштитен сведок има доста контроверзии и дискусии, но генерална оценка е дека многу малку правници,  експерти, судии, обвинители,  па и тие што се занимаваат со правни прашања или со политичко - правни прашања и политички систем, многу малку знаат што значи тоа. Дури дел од раководството на Министерството за правда овие работи комплетно ги измеша со истражните мерки.  Треба најпрво на јавноста да и се објасни добро што претставува тоа.Ние имаме идеја да организираме една трибина  каде ќе опфатиме и објасниме што е тоа заштитен сведок, колку и како се користел овој институт низ праксата, се со цел да се информираат граѓаните и експертската јавност што значи тоа. Непознавањето е очекувано со оглед на тоа дека во бивша Југославија и долго време по самостојноста на Македонија има дефицит од искуства на користење на овој институт.Во Законот за заштита на сведоци е дефинирано што претставува заштитен или загрозен сведок. Тоа се три категории на лица кои може да се јават во ова својство. Првата категорија е лице кое има информации за водење на кривична постапка. Доколку ова лице ги презентира јавно и го користи својот идентитет може да се загрози себе, неговиот имот или неговите блиски. Од тие причини се крие неговиот вистински идентитет. Тоа е едната форма. Другата форма е соработник на правдата како втора категорија. За него се води некаква кривична постапка или е дел од криминална активност или криминална група, но за да ги презентира информациите тој треба да се заштити, како и неговиот исказ. Тој ќе презентира некои свои презентации и сведочења и за тоа ќе му се намали казната или ќе се ослободи од кривична одговорност. И третата категорија на лица се жртвите во однос на некое кривично дело односно се жртви на одредена криминална активност. И покрај тоа што се жртви тие не можат јавно да ги презентираат своите информации и сведочења затоа што може да бидат загрозени. Нивниот исказ е во функција на сведочење, но им се прикрива идентитетот и на тој начин се штити.Тоа се тие три категории на лица и овие работи се добро објаснети во законот и во образложението на законот, но за жал многу малку лица кои се занимаваат со овие кривично - правни прашања се информирани по однос во овој кривично - правен институт. И затоа сега во јавноста има појава на дилеми и нејаснотии. Некои мислат дека е тоа некоја посебна истражна мерка, иако суштината е јасна – прикривање на идентитетот на лицето кое има информации за истрагата.Имајќи во вид дека има лица кои по службена должност, јавниот обвинител, судијата, припадници на полицијата знаат кој е заштитен сведок тогаш јасно е дека одговорноста треба да биде степенувана. И ова се лица кои мора по службена должност да внимаваат и за нив казната не е спорна, но за сите други лица таа треба да се корегира. Во постоечкиот законски текст предвидена е казна од 4 години само за објавување.  Ако настапат тешки последици, но не смртни тогаш е најмалку 8 години, додека пак ако настанат смртни последици тогаш е предвидена казна најмалку 15 години или доживотна казна затвор. Имајќи во вид дека треба да се степенува одговорноста како што напоменав, една е одговорноста за судии, обвинители и припадници на полицијата кои по службена должност знаат за заштитениот сведок – предлагам да останат истите казни, но за сите други предлагам намалување на казните односно намалување за половина. Само за објавување на информација – предлагам казна затвор од 3 месеци до три години, додека ако настанат тешки последици по физичкиот интегритет на заштитениот сведок или негови блиски тогаш предлагам најмалку да има 4 години затвор. Ако пак има смртни последици тогаш предлагам да има казна затвор од најмалку 8 години. Ова решение е во согласност со Уставот  и конзистентно со казненото право и политика. Значи одговорноста останува, но казната ќе биде намалена.Во тој контекст, одговорност и обврска на јавниот обвинител, судиите и припадниците на полицијата е да ги чуваат информациите во врска со заштитените сведоци и нивната одговорност е првенствена ако тие информации неовластено излегле во јавноста. И тука само тие се одговорни.Практиката покажува дека често има случаи и кога се работи за конструкции при примена на заштитените сведоци во докажувањето. Оттука, новинарите дури можат и треба да објавуваат информации кога детектирале таква појава. Тоа е корисно и се случило во праксата во други земји лице кое не е сведок, не видел ниту слушнал нешто, да биде заштитен сведок. Тоа се ситуации кога сведокот е лажен, неговиот исказ монтиран, а се третира како крунски сведок кој всушност е наместен. Значи, посочувам дека заштитениот сведок може и да се злоупотребува. Доколку се отвори расправа дека некој сведок по одредени сознанија е компромитиран и лажен треба да понесат одговорност тие што го конструирале тоа и затоа велам е добро кога некогаш во името на јавниот интерес се дознава за тоа. Едноставно, некои работи кога не се оправдани и легални не може да се штитат. Сега замислете, ние сме мала држава и многу често се користи тој институт, сите знаат кој е заштитен сведок, но не смеат да го објават тоа заради казната за објавување, а постојат случаи кога фигурира како класично компромитиран сведок. Не треба да се занемари, а уште помалку да се отфрли јавното посочувањето дека таква конструкција некогаш вршат безбедносно - судските органи. Тоа е конспирација која е надвор од основната логика на користење на заштитен сведок. Тоа не би бил заштитен сведок туку агент провокатор или лице што поттикнува кривична одговорност, за после тоа да биде изземено од кривична одговорност. Затоа мислам дека некогаш кога има информации за такво нешто може да биде корисно и за истрагата и за општиот интерес, секако.

Она што може да се забележи во Вашето образложение е разграничувањето на  одговорноста. Какво кривично - правно значење има тоа во контекст на заштитените сведоци?

Разграничувањето на одговорноста има исклучиво значење. Мора да постои прецизно разграничување и степенување на одговорноста при извршување на кривичното дело во врска со објавувањето на заштитениот сведок и тоа разграничување на лица кои вршат службена должност и на сите останати лица, вклучително и новинарите. Инаку, во Законот за кривичната постапка и Законот за заштита на сведоци сосема е јасно дефинирано што претставува заштитен сведок и во кои случаи се прикрива неговиот идентитет и како се заштитува. А, во сите други случаи кога се користи заштитен сведок само за да некого обвините колку да се има доказна поткрепа е случај на злоупотреба. И затоа треба да има можности, јавноста, неговиот адвокат и сите заинтригирани индивидуи да знаат дека некој неоправдано е гонет или осуден врз основа на лажен заштитен сведок. Или пак некој да е поттикнувач на одредено кривично дело и тој да се изземе од одговорност, а да одговара само поттикнатото лице.

Македонија нема многу искуство со користењето на заштитените сведоци бидејќи се новина во законодавството. Што Вие како правник со долгогодишно искуство во безбедноста сметате дека е слабост и пропуст во примената на системот за зашита на сведоци во државата?

Институтот заштитен сведок не е користен во нашиот стар правен систем бидејќи често се злоупотребуваше. Меѓутоа во согласност со Европската конвенција и бројни резолуции, Владата на Република Македонија во 2005 го предложила овој закон и Собранието го донело, но без многу анализи и проценка на негативни ефекти ниту вградување на клучни институти, како на пример сегментот на лажни сведоци. Доволно е да се посочи дека нема норми за заштита од лажни сведоци. Значи нема одговорност за оној што ќе подготви лажен сведок, туку само за оној што ќе објави. Контрадикторно е да нема таква одговорност што говори за еден недоследен приод кон оваа материја. Искуството секако е многу мало, но она што мене ме загрижува, а што евидентно постанува реалност е презачестеноста во користењето на заштитените сведоци. Тоа дава простор за сомнеж дека службите на МВР немаат доволно докази за откривање на одредено кривично дело и на неговите сторители, па постојано се повикуваат на заштитени сведоци или пак користат посебни истражни мерки како следење и прислушување  без да има реални и материјални докази. Може да биде многу опасно честото користење на овој иснтитут и затоа за мене е битно реформирање на целиот овој институт, на сите негови аспекти.  Мора да се користи за тешки кривични дела како тероризам, кривични дела против државата и тешки облици на организиран криминал против државата кои предизвикале голема штета. Да не се користи за ситни работи и никако како форма за поттикнување на кривично дело, што е забрането, но не е исклучено да се случи во праксата. Треба да се користи за тешки и сложени случаи затоа што постои можност истиот да се компромитира. Ако пак продолжи со тенденција на компромитација веројатно ќе се случи и истиот да биде парламентарно укинат. А, мислам дека е добро да постои затоа што еден од начините е борба за со тешките форми на криминалот во земјата и на други земји компаративно.

Една од забелешките во Извештајот на ЕУ за судството е заменувањето на квалитетот со квантитет при донесувањето на судските одлуки. Колку тие посочени судски одлуки засновани само на вербални искази и посебни истражни мерки отсликуваат една таква состојба?

ЕУ нема доволен увид колку се користи овој институт и посебните истражни мерки во практиката. Ова прашање ќе се отвори и јас имам намера во Собранието да проследам една таква иницијатива. Деновиве подготвувам барање до Парламентарниот институт за да видам колку точно и во кои случаи се користи заштитениот сведок и посебните истражни мерки. Врз основа на овие информации да се види колку пресуди имаме засновани на искази од заштитени сведоци и посебни истражни мерки. Со тоа ќе имаме правна информација што точно се случува во оваа област. Се плашам дека пресуди донесени врз основа на заштитен сведок и посебни истражни мерки се без реална поткрепа на факти и докази. Затоа и треба да се направи посебна анализа и  како држава да се определиме во која насока се движи казнената политика и каде се ќе може да се употребуваат посебните истражни мерки и заштитените сведоци. Ова е прашање од јавен интерес и секогаш треба да се води сметка дека мора да се штитат интересите на сите граѓани. Можеби сега, од аспект на партии на власт сосема добро е тоа во контекст на поуспешна борба против криминалот, но еден ден тоа може да ви се удри од глава. Кога би се смениле работите, ќе бидете предмет на истите инструменти и да бидете обвинети и за нешто што не сте го сториле.

Дали пресудите кои ги посочувате говорат за недоследно спроведени постапки или за свесна злоупотреба?

Секогаш постоела опасност Службата за државна безбедност и оперативните служби да посегнат по полесниот начин за докажување на кривично дело. Ако законодавството ви дава таква можност само врз основа информации и податоци од прислушување некого да го осудите тогаш за службите тоа е најлесниот начин. Во тој случај, нема да се вклучат оперативните служби, помалку ќе се користи логистичка мрежа, помалку ќе се трудат да обезбедат квалитетни докази, информации и податоци и мислам дека ќе се искриви целиот систем на одговорноста, односно на докажување на одговорноста. Затоа и ова се чувствителни прашања за кои е потребна сериозна анализа,  потребна една поширока расправа, различни видувања и артикулација на мислења. Вклучен е алармот дека нешто не функционира како што треба.

Колку пратениците имаат практика да поднесуваат закони?

Секаде во праксата главен предлагач е Владата. Собранието расправа и ги донесува законите, но има законска и деловничка можност да го прави тоа. Тешко е како пратеник да се подготви закон бидејќи немаме многу оперативни можности, треба многу време, компаративни анализи, споредбени податоци со другите земји. Тука треба да се интегрираат и теоретско - практични компоненти, да се разгледаат аспектите на англосаксонскиот и континенталниот модел, како се уредува во различни области итн. Сложено е да подготвувате закони, подготовката на закон е и резултат на практика и номотехника. Во секој случај Собранието има можност, но воглавном се предлагаат закони од популстичка природа за собирање политички поени, а тоа најчесто го прави опозицијата. Тоа се прашања кои наводно би се разрешиле одредени социјални проблеми во однос на стечаите, сиромаштијата, електрична енергија, животните ресурси, но никогаш опозицијата не подготвува системски закони со кои ќе се зајкне правниот систем и ќе се стабилизира владеење на правото. Нашиот парламент функционира како и сите други парламенти и насекаде во однос на предлагањето на закони е доминантна извршната власт. И во Англија кога владата ќе предложи закон многу ретко тој може да биде одбиен. Навистина во теоријата, а и перцепцијата е таква дека парламенотот е доминантен при тие процедури, но всушност тој како што говорат искуствата, може да само ги подобри законите. Опозицијата ги чита законите со поизострен вид, а позицијата поповршно. Кога има јавна дебата секако со инклузија на експертска јавност и поширока пратеничка дебата можно е да се корегираат законите во смисла нивно подобрување. Ако пак е очигледно дека се предлага решение кое не е во интерес на граѓаните и се штитат некакви приватни интереси или партиски интереси, за тие закони постојат инсистирања да поминат, но се враќаат на ревизија по два три месеци.

На што се должи рапидно зголемениот број на казнени одредби во законите, кои пак често не се усогласени со Кривичниот законик?

Јас предлагам кодификација на кривичното законодавство. Во многу закони се предвидуваат казни коишто апсолутно се надвор од основните рамки на Кривичниот законик. Кривичниот законик треба да биде основа за сите други закони што вградуваат казненоправни одредби. Еве, клучен пример е Законот за заштита на сведоци и ред друг други закони кои треба да поминат на ревизија и усогласување во рамки на посеопфатна акција за кодификација на кривичното законодавство.Мене ме зачудува и експертската јавност. Од професори на правни факултети и судии има искажувања за потреба од заострување на казните во многу ситуации. Јас не мислам дека тоа е добро. Заканата со голема казна не обезбедува превенција. Не се гради систем со закани и со казни дека ќе се подобрат состојбите во одредена област. Да ви кажам пример: Ако форсирате повисоки даноци имате повисока даночна евазија. Ако имате пониски даноци граѓаните ќе речат  – добро, даноците се помали, подобро да го платам за да немам проблеми со УЈП или инспекции. За ова прашање јас имам сосема друго размислување. Мислам дека треба да се направат други инструменти на култура на почитување на правата и обрврските, а многу помалку да имаме закани. Наскоро ќе имаме расправа и за Кривичниот законик во Собранието и ќе се разгледува и ова прашање. Во овој закон се најавуваат големи казни и се оперира со казна од  40 години, на пример. Со толкава казна ништо не се решава. Ако некој има асоцијативно однесување потребно е примена на други мерки, најмалку заострување на казната. Значи потребно е постоење на други предуслови за да правилно влијаеме на однесувањето на луѓето, особено на младите.

Целото интервју погледнете го на овој линк.

Извор: Академик

partners partners partners partners partners partners