08.06.2015
Трајанов: „Демонтажа на еднопартискиот систем“

Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, поднесе Предлог на закон за измена и дополнување на Изборниот законик.
Со предлогот се предвидува пропорционален изборен модел, а Република Македонија да биде една изборна единица.
Со промените ќе се обезбеди состав на Парламентот кој ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните, но и во голема мера ќе се стеснат можностите за кршење на изборните правила, како и друг вид нерегуларности нотирани во сите извештаи на ОБСЕ и ОДИХР.
Република Македонија циклично запаѓа во длабоки политички кризи кои имаат негативен одраз врз владеење на правото, основните човекови права и слободи, демократскиот развој, стабилноста на државата, економскиот развој и евро-атланските процеси.
Овие кризи покрај другото се и поради изборниот модел, односно поделбата на Македонија на 6 изборни единици, со кои се обезбедува доминација на една политичка партија, која во пракса воспоставува “еднопартиски систем“, суспендирајќи ги законодавната и судската власт, без механизми за контрола и одговорност на извршната власт.
Доколку Македонија биде една изборна единица повеќе партии ќе бидат застапени во Собранието, при што неминовно ќе биде потребна соработка и коалицирање при практицирање на власта, но пред сè ќе јакне одговорноста во одлучувањето и владеење на правото.
Со овој предлог во суштина се создаваат основните предуслови за практична „демонтажа на еднопартискиот систем“ и воспоставување на многу поодговорна власт, која ќе води сметка за државните и интересите на граѓаните.
Очекуваме поддршка за овој предлог од сите партии кои се определени за повеќе права и демократија, како и за поголемо учество на граѓаните во носењето на крупните одлуки битни за иднината на државата.
Интегралниот текст на Предлог-законот за измена и дополнување на Изборниот законик, може да го погледнете тука.