Европскиот извештај е поттик за нов реформски циклус - Нема европска интеграција без независно судство и бескомпромисна борба против корупцијата

06.11.2026

Европскиот извештај е поттик за нов реформски циклус - Нема европска интеграција без независно судство и бескомпромисна борба против корупцијата

Демократскиот сојуз го поздравува Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2026 година, особено позитивните оценки и констатираниот напредок во спроведувањето на реформската агенда и усогласувањето со европското законодавство.

Извештајот претставува важна основа и дополнителен поттик за продолжување и продлабочување на европскиот реформски процес. Истовремено, тој укажува дека владеењето на правото, независноста и ефикасноста на судството и борбата против корупцијата остануваат области во кои се неопходни натамошни суштински промени.

Демократскиот сојуз смета дека позитивните оценки во Извештајот треба да претставуваат дополнителен поттик за продолжување на реформските процеси. Покрај усогласувањето на националното законодавство со европското, од особено значење е доследната примена на законите, јакнењето на институционалните капацитети и постигнувањето конкретни и видливи резултати во функционирањето на правната држава.

Во таа насока, Демократскиот сојуз предлага:

1. Темелна реформа на судскиот систем, со воспоставување независно, професионално, ефикасно и одговорно судство, ослободено од политички и бизнис-влијанија. Потребно е преиспитување на постојниот модел на избор и мандат на судиите, вклучително и воведување ограничен мандат од седум години, со соодветни уставни и законски гаранции за независноста и професионалноста во вршењето на судиската функција.

2. Донесување посебен закон за борба против тешките облици на криминал и високата корупција, со јасно дефинирани надлежности, специјализирани истражни и обвинителски капацитети, ефикасни механизми за финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнатиот имот. Законот треба да обезбеди ефикасно гонење на организираниот криминал, корупцијата на високо ниво и злоупотребите на јавните функции, без селективност и политички калкулации.

3. Уставно редефинирање на одговорноста на судиите, со враќање на уставната одредба за кривична одговорност на судиите за донесена судска одлука во случаи на свесна злоупотреба на судиската функција, корупција или намерно постапување спротивно на законот. Целта е да се обезбеди лична и професионална одговорност, со јасно разграничување меѓу кривичната злоупотреба на функцијата и независното судиско одлучување и толкување на правото.

4. Враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, преку транспарентни постапки за избор и разрешување на судии и обвинители, објективни критериуми за оценување на нивната работа, одговорност за неоправдано одолговлекување на постапките и доследно спроведување на законите.

Демократскиот сојуз смета дека борбата против корупцијата мора да биде системска и доследна, со посебен акцент на највисоките нивоа на власта и институциите. Не може да има недопирливи функционери, привилегирани поединци или институции кои се над законот.

Очекуваме Владата и Собранието извештајот на Европската комисија да го искористат како основа за натамошно забрзување на реформите, со јасни рокови, конкретни обврски и мерливи резултати.

Европската перспектива на Македонија мора да биде заедничка државна цел, а нејзината реализација зависи од нашата способност да изградиме правна држава, функционални институции и општество во кое правдата ќе важи подеднакво за сите.

partners partners partners partners partners partners