23.10.2026
Ѓурчевски и Трајанов за предупредувањата на Мицкоски од можноста за прелевање на нестабилноста

Изјавата на Премиерот Мицкоски дека растечките тензии во Европа и на Балканот претставуваат ризик и за Македонија, предупредувајќи дека постојат можности за обиди регионалните проблеми да се прелеат во земјава е реална и на место – оценуваат дел од безбедносните експерти.
Љубомир Ѓурчевски за ТВ 24 вели дека самата економска криза во Европа ќе биде една од причините за појава на глобални протести против актуелните политики вклучително и на Балканот и сето тоа може да биде искористено во насока на дестабилизација.
Љубомир Ѓурчевски – Безбедносен експерт
„Самата економска криза која што се појавува во Европа која што е навикната да ужива во благодети кога ќе се соочи со кризни состојби социјалниот момент ќе биде причина за протести против актуелните политики, а вклучително и кај нас на Балканот каде што ние сме со најниски плати по однос на вкупната европска популација и економската криза нас уште потешко ќе ни биде и сето тоа може да биде искористено во насока на дестабилизација така што секогаш постојат тие состојби“.
Националниот координатор за борба против насилен екстремизам и тероризам пак - Павле Трајанов смета дека генерално Македонија е мирна и стабилна држава, а разликата во другите држави каде има и насилни протести е тоа што долго време една иста партија или лидер опстојува на власт.
Павле Трајанов - национален координатор за борба против насилен екстремизам и тероризам
Во Србија беа протестите каде Вучиќ е долго време на власт, кај нас актуелната власт е две години и неколку месеци, тоа значи дека уште е огромна поддршката на граѓаните и мислам дека овие прашања врзани за здравството, образованието, социјалните политики кои се доминатни или корумпираноста каде главен основ за протести во Албанија е корупцијата и нефункциноналноста на државата, засега не гледам такви основи и елементи за такви протести во Македонија“
Ѓурчевски вели дека Македонија може да биде таргет за протести и рушење на легитимно избрана власт, додека Трајанов вели генерално нема засега видлива причина за протести во Македонија.
Љубомир Ѓурчевски – Безбедносен експерт
„Ние како држава ќе сме таргет мора отворено да го кажеме во кој што таргет може да се случат промени преку протести како што беше шарената револуција со цел тие странски служби кои ги спомнав кои одработуваат за некои држави на Балканот да се стекнат со идентитет кој не им припаѓа да предизвикаат повторно внатре проблеми со немири со рушење на легитимно избрана власт наместо да излезат на избори па кој победи на избори нека си наметне негова политика итн, а не насилно спротивно на законите да врши рушење на легитимно избрани влади“.
Павле Трајанов - национален координатор за борба против насилен екстремизам и тероризам
„Што е клучно? Ако има обиди да се увезат условно кажано протестите тука се Владата, министерството и службите тоа да го превенираат но автентични протести во Македонија мислам дека нема да има во догледно време колку што се моите информации, може да има протестите околу полагање правосуден испит тоа ДУИ може да го користи за протести на студентите Албанци итн, но генерално нема засега видлива причина за протести во Македонија“.
Инаку во својот денешен говор по повод празникот 23-ти октомври Премиерот Мицкоски меѓу другото посочи дека безбедносните служби во регионот постојано се активни и изрази загриженост дека одредени фактори би можеле да се обидат да ги пренесат регионалните тензии во Македонија.
Извор