Павле Трајанов за Дојче Веле: „Неодговорна е споредбата на 27-ми април со упадот во РТС“

18.03.2019

Павле Трајанов за Дојче Веле: „Неодговорна е споредбата на 27-ми април со упадот во РТС“

Неодговорната паралела меѓу упадот на српската опозиција во РТС и „крвавиот четврток“, е обид одговорноста се префрли на друга страна или на некаков „странски фактор“, вели ексминистерот Павле Трајанов. Непријатни чувства во македонската јавност предизвикаа изјавите на претставници на српската власт, кои опозициските протести во Србија ги искористија за да направат споредба со настаните во македонскиот парламент од 27-ми април 2017 година.

По саботниот упад на српската опозиција во зградата на јавниот радиодифузен сервис Радио Телевизија на Србија (РТС), српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека демонстрантите одат по „македонско сценарио“. Серијата обвинувања ја продолжи и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на вчерашната прес-конференција не го заобиколи Скопје во неговото излагање, но и во одговорите на новинарски прашања. Запрашан - зошто странските амбасадори не реагирале со осуда на упадот во РТС, Вучиќ направи споредба со случувањата од 27-ми април во македонскиот парламент, спомнувајќи ја и минатонеделната пресуда за бившиот министер и ексдиректор на БЈБ, Митко Чавков.

„Како е можно амбасадорите на западните земји да не го осудат, а го осудија во истата секунда кога оние кои не им се допаѓаат упаднаа во македонските институции? Па, големиот пријател на тајкунот Јеремиќ и тајкунот Ѓилас, Зоран Заев, се пофали како го осудил министерот за внатрешни работи Чавков на 18 години затвор, затоа што не ги спречил граѓаните да влезат во парламентот. По тој принцип, ние би можеле да размислуваме за одговорност на Небојша Стефановиќ, затоа што ги пушти фашистот Обрадовиќ и тајкунот Ѓилас да влезат внатре. Па, има група криминалци од Белград, која сака да работи во Скопје. Бандити кои ние ги протеравме од тука - Саша Мирковиќ, Башановиќ... Сите докажани криминалци. Овој крадеше гаќи во трговски центар во Америка. Сега е голем советник и е многу важен, а за другиот не сакам ниту да зборувам“, изјави Вучиќ, говорејќи за некои советници на македонскиот премиер.

Влада: Градиме пријателство со Србија

Од македонската Влада не ги коментираат ваквите изјави. Велат дека двете земји работат на унапредување на меѓусебните односи.

„Демократијата треба да се развива и зајакнува во земјите од регионот, а за таа цел неопходни се дијалог, посветеност и конструктивност од страна на властите, опозициите и граѓанските општества. Сите работиме за исти цели: мир, просперитет, подобар живот за граѓаните, зајакната регионална соработка и забрзани евроинтеграции. Насилствата никогаш не може да донесат решенија, таквите дејствија штетат на демократијата и на напредокот. Северна Македонија и Србија се пријателски земји, нашите народи се пријателски и ние постојано ја унапредуваме меѓусебната соработка и почитувањето“, велат од Владата.

Поранешениот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, смета дека е неодговорно правењето паралела меѓу опозицискиот упад во зградата на РТС и „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент. „Тоа е обид одговорноста да се префрли на друга страна или на некаков 'странски фактор'. Во Србија протестите ги организира опозицијата, а во нашиот парламент упадот го организираше државно-политичкиот врв, односно власта. Во Србија опозицијата бара оставка од претседателот Вучиќ и објективно информирање од јавниот сервис РТС. Кај нас имаше обид за создавање хаос и воведување воена состојба, со цел да се спречи мирен трансфер на власта и да се избегне одговорност за криминалот. Сосема е јасно дека владеењето на Вучиќ е копија на владеењето на Груевски. Обидите да се вовлече владата на Заев во протестите во Србија е дипломатски гаф и против интересите на двете држави. Нашата држава ниту се меша, ниту смее да се меша во внатрешните работи на Србија. Но, треба да ја потсетиме власта во Србија за контроверзната  улога на српскиот разузнавач Зоран Живаљевиќ во македонскиот парламент“, вели Трајанов.

Шпекулации за заговор

Изјавите од изминатиов викенд не се прв обид на претставници на српските власти за правење паралела меѓу македонските настани и српските опозициски протести. Ним им претходеа и обвинувања за „заговорнички средби“ во Скопје. Тоа се случи минатиот месец, веднаш по посетата на еден од лидерите на опозицискиот Сојуз за Србија, Драган Ѓилас, реализирана на 19 февруари во Скопје, во чии рамки тој имаше средба со премиерот Заев, а даде и тв-интервју. Еден ден по оваа посета, српската телевизија „Пинк“ која во српската јавност се смета за мегафон на власта, на веб-страницата објави текст под наслов: „Еве со кого лидерот на СЗС се сретна во Македонија: Ѓилас во прегратките на Заев, Обрадовиќ, Башановиќ и Шубара“. Иако „Пинк“ објави дека „не е познато што била темата на состанокот“ меѓу Ѓилас и советниците на македонскиот премиер, медиумот претпоставува „дека се ковани планови за смена на власта во Србија“, со додатна оценка: „Веќе навикнавме се што работи Ѓилас да биде направено со намера да дојде на власт“. Истиот ден и српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, во изјава за српски „Новости“ изнесе обвинувања на адреса на Скопје.

Скопје е она што некогаш беше Будимпешта, центар на разузнавачките дејности против Србија, простор каде се обезбедуваат финансиски средства за финансирање на цинкароши од целиот регион“, обвини Вулин. На ваквиот став реагираше Ѓилас, кој изјави дека јазикот на омраза на Вулин е скандалозен и спротивен на пријателството на двата народа. „Изјавите, како што е оваа на министерот Вулин, за жал, се токму спротивното од она што треба да биде политиката кон Северна Македонија и македонскиот народ. Очигледно, поединците кои пред 25 години го употребуваа јазикот на омраза кон другите народи, никогаш не го забораваат овој јазик. Верувам дека овие скандалозни зборови на еден министер се ирелевантни во однос на пријателството на двата народа, кои ниту еден неодговорен поединец, без разлика на каква функција е, не може да ги наруши“, изјави Ѓилас за МИА.

Но, медиуми блиски до српскиот државен врв, и во почетокот на март продолжија со шпекулативни текстови на истата тема. Во некои од нив се тврдеше дека Ѓилас уште на 8-ми февруари присуствувал на тајна средба во Скопје, каде во присуство на македонскиот премиер и американски дипломат бил разработуван план за уривање на власта во Србија. Според истите шпекулации, деталите за оваа средба ги откриле бугарски разузнавачи, кои извештајот за средбата го испратиле до официјален Белград.

Последни Активности

12.02.2014

ДС: За консензуален претседател одлучуваат граѓаните

За претседател на државата треба да биде предложен кандидат со високи морални квалитети, со личен и професионален интегритет, кандидат кој ќе биде посветен на реализација на приоритетите на Република Македонија, а тоа се евроинтеграциите и полноправното членство во НАТО. 

прочитај повеќе...

26.12.2013

Трајанов за Нова Македонија: Одговорност за спорот со името треба да преземат сите релевантни политички фактори

Господине Трајанов, имавте повеќе предлози што би можеле да го олеснат наоѓањето решение за името. Побаравте ЕУ-посредник за спорот со Грција, но веќе подолго време барате и општ консензус за прашањето.

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners